Како да се надмине срамежливоста кај децата

      Драги родители,

      Како вработен психолог во градинка многу често забележувам деца кои што заради срамежливост не сакаат да се одвојат од родителот, не сакаат да учествуваат во игрите со своите другарчиња, тешко склопуваат познанство…

      Затоа денес одлучив да дадам некои совети кои што вие како родители би ги примениле и заедно многу полесно да направиме секое дете брзо да си влегува во комуникација со своите врсници и да биде рамноправен учесник во секоја игра, активност, животна ситуација.

      Срамежливоста се јавува како чувство во периодот помеѓу 15тиот и 36тиот месец од животот на детето. Таа претставува важен период од емотивниот и социјалниот живот на детето. Благодарение на неа децата учат за социјално прифатените норми и вредности на однесување. Почитувајќи ги тие норми децата разликуваат што е позитивно и негативно социјално однесување пак следователно на тоа тие растат и се изградуваат како личности со позитивни вредности.

      Срамежливоста најчесто се надминува со доаѓањето во градинка и со запознавањето со новите другарчиња. Но, ако забележите дека детето упорно избегнува контакт со деца или возрасни, ако упорно ќути, иако му се поставило прашање, не сака да оди во места каде што има деца (градинка, игротека) пак дури и бурно реагира на тоа тогаш заслужува повеќе внимание затоа што таквата срамежливост веќе може да влијае на социјалниот развој на детето.

      За да не дозволиме срамежливоста да се развие во толкави размери би ви предложила:

      – Од најрана возраст со ваша помош нека го послужи со бонбона вашиот гостин, било тоа да се луѓе од негово крвно сродство или пак ваши пријатели

      – Кратко нека поседи кај секој гостин а во почетокот ако го одбива тоа нека ја гради својата самодоверба од ваша близина нека подари барем и мала насмевка

      – Разговарај те пред секое излегување и подгответе го детето за она што следи (ќе одите на место каде што ќе си најди ново другарче со кое што ќе си игра)

      – Од најрана возраст нека биде гостин на роденденските забави на неговите роднини и ваши пријатели организирани во игротека

      – Заедно одете до продавница и оставете го само да побара а подоцна и да плати за купеното

      – Многу често прошетките нека ви бидат во паркови каде што има деца со кои што ќе си поигра

      – Секој остварен контакт пофателете го.

      – Не е на одмет да му раскажувате на детето за одредени социјални ситуации од вашето детство и како се добро се завршило тоа со добро другарче и бескрајна игра

      – Не го критикувајте посебно не пред други. Оставете го да кажи за своите чувства

       Доколку вашето дете одбива да воспостави контакт не се вознемирувајте , но не се и откажувајте.Кога ке останете сами разговарајте смирено и објаснете му колку би му било поубаво кога во неговиот живот би имало повеќе другарчиња. Исто така избегнувајте да имате преголем заштитнички однос кон своето дете затоа што со тоа се губи неговата самодоверба.

       Психолог – Фросина Атанасова